SkyscraperCity Forum banner

Галичник | Galičnik

32K views 228 replies 3 participants last post by  Srdjan Adamovic 
#1 ·
Галичник е село во западниот дел на Република Македонија. Се наоѓа на падините на планината Бистра, во центарот на мијачкиот регион. Галичник е туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.

Се наоѓа на падините на планината Бистра, во срцето на регионот на Мијачкото племе, околу 10 километри до вештачкото Мавровско Езеро и ски-центарот Заре Лазарески. Се наоѓа на надморска височина од 1270 до 1450 метри и е опкружен со пасишта. Познато е по „Галичката свадба“, традиционална и јавна летна свадба, што се одржува секоја година на селската слава - Петровден. За време на свадбата, се игра „Тешкото“ оро - што го симболизира надминувањето на тешкотиите во животот.

Во почетокот на XX век во Галичник живееле околу 3300 жители.[1] Во наредните години бројот на населението на селото Галичник ја надминувало и бројката од 4000 жители. Поради силните миграциони процеси кои го зафатиле Галичник, според пописот од 2002 година, се забележани само 3 постојани жители, сите Македонци.

Галичката свадба се одржува секоја година на Петровден, (втората недела од јули). За разлика од порано, кога на Петровден во Галичник се склопувале и по над 40 бракови, денес свадбата има повеќе културно значење и е еден вид кутлурна манифестација.


Денес Галичник живее од мај до октомври кога во него престојуваат над 50 семејства, најмногу пензионери со нивните внуци. Галичник е туристичка атракција заради својата архитектура и природни убавини. Постојат многу неискористени можности за популаризација на туризмот во селото. Хотелот Неда, изграден во 1980 година по заслуга на Велимир Гиновски, тогашен генерален директор на Југохром, нуди можности за добро летување, иако недостасуваат соодветни турискитчки пакети за постителите.

Архитектурата е една од главните обележја на Галичник. Стрмниот и амфитеатрален терен е искористен за изградба на камени куќи врз изохипсите на теренот. Куќите имаат форма на кубус со благ пирамидален кров. Безбедноста и функционалноста биле главни фактори во изградбата. Куќите се градени на две, а подоцна и на три катни висини. Првата катна висина е т.н. трем - штала за добиток и два кледа, кои претставувале темни визби, скоро вкопани во карпата врз која е изградена куќата. Втората катна висина е главниот станбен простор. Тука е лоцирана т.н. куќа - просторија со огниште каде се подготвува храна. Кај постарите куќи, таа го заземала скоро целиот простор, додека кај поновите, постојат повеќе одаи. Третата катна висина е резервирана за спиење. Некои куќи имаат и т.н. шарена одаја, која служела за прием на гости. Спратовите најчесто имаат централно поставени ходници - гизентии. Некои од куќите имаат и параклис - мала просторија со икони, која служела за молење, што всушност претставува еден вид на домашна капела.

Прозорците на галичките куќи биле историски релативно рано застаклени. Тиe имаат различна големина. Колку се пониски, толку се помали. Ниските прозорци се заштитени со железни решетки. Куќите имаат по две до три влезни врати коишто се обрабени со делкани камења, кои им даваат уникатна привлечност. Првобитните куќи биле сламеници[4], кои биле градени од кршен камен и покривани со слама, и имале приземје и кат. Приземјето бил тремот. Куќите кои денес можат да се видат во Галичник се главно градени кон крајот на 19 век и на почетокот на 20 век. Ентериерот на галичките куќи е богат со дрвен мебел, иако приматот секогаш бил даван на функционалноста.

 
See less See more
1
Top