World renown brands such as Armani and Esprit are going to have shops in the new TIPO shopping mall in the center of Skopje. TIPO will open on the 15th of October. They are still not sure about the name.
Светски брендови од октомври ќе влезат во стоковната „Типо“
Фирми од рангот на „Акикс“, „Есприт“ и „Теранова“, се до „Армани“
САЊА НАУМОВСКА
Светски познати брендови за облека, чевли, парфеми, од октомври ќе влезат во обновената стоковна куќа „Типо“. Претставниците на италијанската фирма „Ти-Ем холдинг“, која го купи објектот од Комерцијална банка, засега не ги откриваат имињата на фирмите кои првпат ќе дојдат во Македонија, но велат дека се од рангот на „Армани“, „Асикс“, „Есприт“ и „Теранова“. Отворањето е најавено за 15 октомври, а моментално тече реновирањето на објектот. Целосно се менува фасадата, која ќе биде направена од најнови материјали, но со комплетно автентичен изглед како и старата. Во внатрешноста се менуваат инсталациите, ладење, греење и вентилација, а трите ката на некогашната стоковна куќа и подрумот ќе се претворат во голем број дуќани.
На приземјето, покрај „Теранова“ која ќе ги претстави сите свои линии на површина од 350 квадратни метри, има уште два простора на кои ќе се продава текстил. На првиот кат, седумте дуќани, со површини од 89 до 316 квадратни метри, ќе ги закупат, исто така, текстилни брендови. Вториот кат е резевиран за жените, односно за продавници за чевли, парфеми, аксесорис и слично. На овој кат ќе има и кафетерија со тераса и поглед на плоштадот „Македонија“. Во подрумските простории, на површина од 1.000 квадрати, ќе се смести фирма со детски играчки, или пак со техничка стока. Во подрумот ќе биде и втората продавница на „Теранова“ на над 400 квадрати. Во галериите меѓу катовите ќе има оптики од светски брендови и продавници за уметнички слики, а во галеријата над вториот кат, најверојатно, ќе се смести студиото на Сретен Костиќ, со што целосно ќе се заокружи женскиот кат.
„Реновирањето ќе чини најмалку два милиона евра, а просторот ќе се нуди под закуп. Фирмите ќе ги добијат просториите целосно застаклени, со што ќе се обезбеди унифицираност на просторот. Првите договори со брендовите што ќе дојдат кај нас ќе се склучуваат во септември, а од средината на месецот и ќе им се доделат и дуќаните. Внатрешноста и фасадата ќе бидат направени од најквалитетни материјали, а надворешниот изглед ќе биде идентичен како на старата стоковна куќа, каква што ја паметат скопјани“, вели Александар Ивановски, сопственик на „Италинова“, која е застапник на „Теранова“. Тој објаснува дека во моментов се размислува и за името на објектот, кое можно е и да биде старото, НА-МА.