Кредитите сигурно поскапуваат - каматите жртва на инфлацијата
Од 1 јуни граѓаните ќе се соочат со повисоки каматни стапки, во просек меѓу 0,5 и еден процентен поен
Нина Нинеска-Фиданоска
Кредитите сигурно поскапуваат. Веќе од 1 јуни оваа година граѓаните и фирмите ќе се соочат со нови повисоки каматни стапки, во просек меѓу 0,5 и еден процентен поен. Банкарските камати веќе не можат да го издржат притисокот на високата инфлација, која веќе два месеца едноподруго ги надминува и двоцифрените граници. Најавите на банките дека ќе ги поскапат кредитите следуваат откако Народна банка на Македонија веќе по трет пат интервенираше кај каматните стапки на благајничките записи, кои веќе се искачија на сериозното високо ниво од 7 проценти. Претходно тие се движеа околу границата од 5 проценти, но сега веќе одат нагоре за два процентни поена.
Банкарите, иако во неколку наврати најавуваа, се' досега ги немаа поскапено кредитите во острата конкурентска битка што ја водат меѓу себе за привлекување на клиентите. Токму тоа и беше причината што не се намали кредитирањето, туку напротив, тоа се' повеќе се зголемуваше, а мерките на НБМ се насочени токму кон снижување на заемите, бидејќи преку нив се пуштаат пари во оптек и така уште повеќе се подгрева инфлацијата. Но, со најновата интервенција на монетарната власт, банките веќе тешко дека ќе можат да издржат да не ги зголемат каматите. Ако ништо друго, тие ќе мора да ги покачат стапките на депозитите, а тоа ќе доведе и до пораст на каматите на кредитите.
И додека централната банка интервенира и се бори со инфлацијата, изненадува комотниот однос што го практикува власта спрема овој сериозен проблем, тврдејќи дека нема потреба од мерки од нивна страна.
Во Комерцијална банка вчера потврдија дека од 1 јуни ќе бидат зголемени каматните стапки, и на кредитите и на депозитите, и тоа во просек меѓу 0,5 и 1 процентен поен. „По објавувањето на информацијата за зголемување на каматите на записите, што е трета интервенција по ред на централната банка, и банките ќе ги зголемат каматите. Банките досега не ги следеа во целост сигналите од монетарната власт, но од 1 јуни ќе има зголемување. Во тек се пресметки, а кон крајот на месецов точно ќе објавиме за колку процентни поени ќе биде зголемувањето и за кои видови производи“, објаснува Маја Стевкова-Штериева, главен финансиски директор во Комерцијална банка. Според неа, Комерцијална банка веќе еднаш го зголеми каматите на депозитите, но тие пак ќе бидат покачени, со цел да се заштитат и депонентите на банката од инфлацијата.
„Се' досега борбата со инфлацијата е само преку монетарната политика, а фискалната политика не презеде мерки“, вели Штериева.
И во Тутунска банка не ја исклучуваат можноста од зголемување на каматите. Но, каматата на кредитите сигурно нема да се покачи овој месец, а можно е тоа да биде направено кај депозитите. „Ги разгледуваме состојбите, но не ја исклучувам можноста од 1 јуни да има зголемување на стапките на кредитите“, вели Ѓорги Јанчевски, прв генерален директор на НЛБ Тутунска банка.
Високата инфлација за Владата се' уште не е предизвик да се заангажира посериозно за нејзино спречување. „Нема пораст на инфлацијата, а сегашните 10 отсто се еднакви како и во март годинава, со што инфлацијата е запрена и нема раст на цените“, изјави завчера министерот за финансии, Трајко Славески. Според него, се очекува сегашната ситуација на стопирање на инфлацијата да продолжи. „Инфлацијата како стапка мерена од месец на месец ќе започне да опаѓа и ќе го достигне предвиденото ниво од 5 отсто што го договоривме со ММФ“, подвлече Славески. Министерот тврди дека власта е во постојан контакт со НБМ.
Но, прашање е дали со ваквиот став на власта се согласува централната банка, која укажува дека досега е сама оставена да се бори со порастот на цените, што не може да се толерира долго време.
Според експертите, воопшто не држат тезите на Владата дека инфлацијата е ставена под контрола. Тие особено не може да се прифатат во услови кога државава е влезена во предизборен филм, во кој власта, барем досега, воопшто не штеди на реклами, субвенции за земјоделците и слични форми на трошење пари, кои во принцип ја „палат“ инфлацијата. Со официјалниот старт на кампањата партиите ќе трошат уште повеќе пари, што сигурно нема да оди во прилог на зауздување на цените. Во услови кога и драматично расте трговскиот дефицит, а дознаките од странство не се штедри како претходно, уште повеќе е загрижувачки како ќе се одржува макроекономската стабилност во земјава, предупредуваат економистите.