Цер е село во Општина Другово, Македонија. Иако административно селото е кичевско, сепак Цер е демирхисарско село. Според пописот од 2002 година, Цер има население од 159 жители.
Се наоѓа во т.н. област „Горен Демир Хисар“ во западна Македонија, близу Крушево и Кичево. Се простира помеѓу планините Баба Сач и Лубен во областа популарно наречена Преку Турла, бидејќи во близина се наоѓа преминот преку малата планина Турла (стариот пат кон Кичево). Селото се протега во источниот дел на Церското Поле, кое претставува најголемо карстно поле во Македонија (површина 9,5 км2, должина од 7,5 км, широчина 3,7 км). Сместено е на надморска височина од 990 m до 1050 m, во подножјето на планината Баба Сач (1695 m) од север и Лубен (1764 m) од југ.
Низ селото минува Церска Река која низводно од селото понира и се движи во подземјето на Церското Поле. Заедно со неколку околни реки, Церска Река излегува на површина кај селото Железнец и го образува врелото на Црна Река.
Природно опкружување на местото
Цер се наоѓа во претежно планински предел. Во неговата непосредна близина од северната страна се издига планината Лубен со осамениот и горделив врв Кавчел - висок 1762 метри. Врвот го завзема централното место во западна Македонија. Од неговата височина се добива глетка на сите страни во западна Македонија. Од овој врв може да се забележи: Пелистер, Кајмакчалан, Караџица, Шар Планина, Галичица, Кораб и Бистра. Двете планини - во непосредна близина на Цер имаат големи сличности. Нивните јужни делови се каменливи но со одлични пасишта, а нивните северни страни се покриени со букова шума, посебно северниот дел на Баба Сач, познат под името Стрмол, каде опстојува големо богатство на стари букови стебла кои даваат посебна убавина.
Историја
Селото има доста голема историја. За него може да се каже дека е еден од поголемите револуционерни села за време на турското ропство. Денеска таму се наоѓа гробот на комитата Христо Узунов и неговата чета.
Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 1560 жители христијани (Македонци)